macedonia-border-sign

РЕЏЕПИ: По границата се познава државата

Да, патувам релативно често. Патувајќи, ја гледам разликата меѓу нашата држава и другите во регионот и во ЕУ. Разликата е огромна, за наша штета и срам. Примери би набројал многу, но еве ќе ги наведам двете последни случки.

Се враќам завчера од Виена и службеничката на пасошка контрола, некое младо девојче, се расприкажала со колешката и не ме перципира десетина секунди. Се наведнав да си ги врзам врвките, да не им го слушам муабетот, кога ете ја ме вика:

– Јасмин, стани да те видам.

– Веднаш, само да ја врзам врвката.

– Како тоа врзуваш врвка тука? Подоцна врзи ја откако ќе поминеш.

– Па и Вие можевте муабетот со колешката за подоцна да го оставите.

Се намурти, а откако ме внесе во компјутер, почна да дува од мака, небаре нива треба да копа. Ко јас да сум ѝ виновен што службите ставиле пола народ под надзор, а новиве, пак, неспособни да го ревидираат системот и да им ја вратат слободата на граѓаните.

– Дојди со мене и остави го телефонот.

– Зошто? Уапсен сум? Има некој проблем?

– Влези, седни и почекај тука.

Си седнав и ги слушам во другата канцеларија:

– Има налог за него? … Па што си го внела тука?

Се отвора вратата, па ми се обрати друг полицаец:

– Извинете господине, почекајте си во ходникот.

Излегувам, се потпирам на ѕидот и продолжувам со коментарите на ФБ. По една минута доаѓа типката и ми го пружа пасошот:

– Земи.

Јас не реагирам пет секунди, допишував коментар, па пружив рака да го земам без да ја погледнам.

– Слободен си, можеш да си одиш.

– “Можете да си одите” се вели, а не “да си одиш”. Не сме оделе на училиште заедно, ниту сум чувал овци со тебе на планина. Научи култура, па седни работи таму.

Не изусти ништо ни таа ни другите, и замина кон кабината да лечи комплекси врз други патници. А вчера возам за Косово и на македонскиот премин ми се обраќа службеното лице со следниве зборови и редослед:

– Документи, почекај, паркирај понатаму, земи си ги документите.

На косовскиот премин службеното лице ми се обраќа со следниве зборови и редослед (во превод):

– Добар ден господине, се уморивте ли? Каде патувате? Имате ли нешто да пријавите? Повелете и среќен пат.

Небаре нашиве земаат 100 евра плата, а косовските службеници 3000 евра, па така и се однесуваат со патниците. Знам дека има побитни работи во државава, но кога се средува, сè треба да се среди, без неписмени намќорни остатоци од режимот кои ни ја брукаат државава. Новите униформи се битни, но нема да им го сменат однесувањето на поединциве. Потребна е темелна реформа на системот, но и на кадарот – до последен службеник.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


3 + nine =

%d bloggers like this: