sekerinska-373x210

Четири години затвор за Панче Ангелов, напаѓачот на Шеќеринска

Панче Ангелов, насилникот кој на 27 април ја влечеше за коса пратеничката, сега министерка за одбрана Радмила Шеќеринска е осуден на казна затвор од 4 години.

Судијката Џенета Бектовиќ појасни дека при одмерување на казната ги ценела сите олеснителни, но и отежителни околности напоменувајќи дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од три до десет години.

Како олеснителна околност на обвинетиот му се сметаше тоа што е во поодмината возраст, 65 години, и до сега не сторил ниту едно кривично дело. Меѓутоа како што истакна судијката во значителен дел преовладувале отежителните околности истакнувајќи дека кривичното дело било извршено на дрзок начин, дека било извршено во највисокиот законодавен дом, нападнатите Шекеринска и Зоран Заев биле во тој момент пратеници, но и додаде дека целиот овој кривичен настан предизвикал страв и вознемиреност кај целокупното македонско население бидејќи настаните од 27 април беа пренесувани на речиси сите медиуми.

Судијката додаде и дека со одредената казна ќе се постигне целта на казнувањето, односно обвинетиот во иднина нема да се осмели да стори слично кривично дело, а оваа казна превентивно ќе влијае и врз останатиот дел од јавноста.

Обвинетиот Панче Ангелов сега има право оваа пресуда да ја обжали пред Апелациониот суд.

На рочиштето на 6 октомври тој се изјасни за виновен.

– Разбрав за што сум обвинет, се чувствувам виновен за кривичното дело. Го признавам во целост како што е напишано во обвинителниот акт. Се извинувам кон целата јавност за тоа грозомормно дело што го направив и им се извинувам на оштетените во оваа кривична постапка, изјави Ангелов на судењето.

Неговиот адвокат, Драган Пешевски, кој му беше доделен по службена должност, го замоли судот да му одреди пониска казна. Како олеснителна околност го наведе неговото признание, возраста, каењето, како и досегашната неосудуваност, додавајќи дека Ангелов кривичното дело го сторил во момент на афект.

Според обвинението, тој бил во првата група која влегла во Собранието на 27.април и заедно со најсилните и најнасилните луѓе се упатил директно во прес-салата.

Најпрво му упатил закани на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потоа ја нападнал Шеќеринска, а фрлил и шише кон други пратеници. И двајцата се здобиле со тешки телесни повреди.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


five − = 4

%d bloggers like this: