рамиз

Трагачот по коски на жртвите на Ратко Младиќ

Рамиз Нукиќ 7 години по геноцидот се врати во својата куќа на падините на Каменичкиот рид над селото Кравица. Вели дека не е премногу возбуден поради пресудата на Ратко Младиќ, обвинет за злосторствата незапаметени уште од Втората светска војна.

„Тие ќе ги казнат злосторниците и тие еден ден можеби ќе излезат од затвор, но жртвите нема да се вратат… Злосторниците, нормално, нека одговараат за своите дела, судот има свои овластувања, иако не може мене сега да ми ја исполнат желбата да ми ги вратат двајцата браќа и татко ми. На колку години и да го осудат, мене ми е малку“, вели Рамиз за ДВ.

За него ќе биде вистинска правда, како што вели, да ги пронајде коските на жртвите, да не се заборават ни жртвите ни злосторствата, а ни оние кои ги сторија. „Треба се потсетуваат и децата и внуците, не се заборават жртвите, да не се повтори никогаш никому“, вели Рамиз. Додава дека „одмазда никому не му е добредојдена“.

Во БиХ, според податоците од Институтот за исчезнати лица во БиХ, сѐ уште се трага за околу 7.000 луѓе, од кои 1.000 се жртви од областа кај Сребреница. Дојави за масовни гробници, според зборовите на Лејла Ченгиќ, портпаролка на Институтот, има сѐ помалку, но Институтот „не запира со барање на изчезнатите и помага во откривање на вистината, со цел да им се помогне на семејствата на жртвите достоинствено да ги закопаат своите најмили“.

Хуманата мисија на Рамиз

Рамиз Нукиќ и неговото семејство се единствените жители во селото на Каменичкиот рид. Во војната ги загубил таткото и двајца браќа. „Ги загубив во колона луѓе кои се обидуваа да го избегнат масакрот во Сребреница во јули 1995 година. Јас се одвоив во обид да пронајдам пат низ шумата. Тие останаа. Помладиот брат сѐ уште не беше полнолетен.“

Во својата куќа се вратил пред 15 години. За да преживее, се занимава со земјоделство, а има и крава и десетина овци. Вели не можел да најде мир, бидејќи постојано мислел на татко му и браќата- каде се, каде им се коските? Поради тоа, набрзо по враќањето, решава да ги бара нивните посмртни остатоци. Опремен само со обичен стап, Рамиз почнал да ги бара во околните ридови и шуми. Вели, бил вџашен од количеството скелети и коски на кои наишол.

Со коски до вистината

Татко му и браќата не ги пронашол. Нивните остатоци се пронајдени во масовната гробница Липија, кај Зворник. „Ги закопав во Поточари и сега сум мирен. Имам чувство дека се тука, со мене“, вели Рамиз. „Сега знам оти се во Поточари и знам дека секоја мајка, секоја сестра која ги бара своите, таа трага за барем коска-две, за да знаат каде се, да пронајдат мир.“

Токму затоа, како што вели, и денес секој слободен момент го користи за барање коски. „Досега пронајдов околу 250 тела, целосни и нецелносни. Сега е малку потешко, 22 години не се малку, малку потешко се пронаоѓаат, но коски, се’ уште има, уште наоѓам“, вели Рамиз додека оди низ шумските падини на Каменичкиот рид и со стап ги трга слоевите паднати лисја.

Застанува. Под паднатото, загниено стебло пронаоѓа 3 коски- цеваница, коска од рака и плешка. Ги прегледува коските, ги враќа назад и го означува местото.

„Некогаш е тоа едно тело, некогаш три во тие коски, некогаш само коска. Ги разнесуваат животните, а имаше и поплави пред 4 години, пожар минатата година“, објаснува Рамиз. Дневно, вели, поминува и по триесетина километри во потрага. Го следи, верува, некоја среќа, бидејќи теренот е често миниран, стрмен и опасен.

„На Каменички рид беше првата заседа на Сребреничари. Тука бегаше народот, беше во паника, кога се пукаше од сите страни. Тука имаше луѓе од 6 или 7 општини, па не го знаеја ни теренот, ни каде се“, раскажува Рамиз.

На коските не пишува чии се

Тој е решен да продолжи со својата мисија. Неговата животна определба не му пречи никому, ни на соседите Срби. „Разговараме, соработуваме, работиме. Си ги кажуваме проблемите, се жалиме… Единствено, ја нема онаа доверба како некогаш, но повторно се слагаме“.

Повеќе на:DW.COM




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


five × = 40

%d bloggers like this: