Последни Вести
Search
leopold-weiss

РЕЏЕПИ: Премолчување на неправдата е поддршка на тиранијата

Имам некој пријател таму некаде на кој му ја препорачав авантуристичката автобиографија “Патот за Мека” во чиешто читање уживаше. Нема кој не ужива во приказните за Ориентот. 

Книгата говори за патешествијата на новинарот Леполд Вајс, дописник за Зидојче Цајтунг, во времето меѓу двете светски војни. Тој ги опишува земјите на Ориентот, од северна Африка, Блискиот Исток, па сè до Авганистан. Ги опишува револуциите, војните, политичките состојби и игри, но и секојдневието на луѓето, културата, религијата, и нивната перцепција на реалноста кога други им ја кројат капата. Сведочи за пропаѓање на држави, за идеи на нови држави, за деколонизации и движења за слобода, до раѓање на нови држави. Пишувањето е високо дескриптивно, така што деталите не остануваат незапазени.
Од тогаш до сега на Блискиот Исток ништо не е сменето. Дали и кај нас е така? Ново време и стар систем. Што сведочиме ние сега, каква историјата за нашата држава? На чија страна сме денес и дали со срам или со гордост ќе говориме за сегашноста кога ќе биде дел од историјата?
Средина нема. Премолчување на неправдата е поддршка на тиранијата. Освен за исклучоците во системот, оние кои мораат да работат професионално, што за жал кај нас се сведе на поединци.
Сега му препорачувам да се врати повторно на “Дервишот и смртта”, но да ја прочита и разбере низ призмата на мојата професорка Лилјана. Да ја најде грешката која сите ја правиме кога влегуваме во системот со добри намери и крајна професионалност за доброто на другите, систем кој, за жал, ни тогаш, а ни сега не е скроен за такво нешто. Систем во кој професионалноста не е доблест, кога истиот е ограничен и ограничува поради политичка контаминација, каде правото и правдата не кореспондираат.
Токму таа порака ме држеше вон системот, кој е скроен да не се менува однатре, за да можеме да го менуваме од надвор.
Ова треба да е предизвикот на новата власт, на секоја власт. Дозволете ни да ви помогнеме да се реформирате, да го прекинеме маѓепсаниот круг на неправдата, не само за нас, туку и за идните генерации. Модерен систем за модерно време. Бесполезно е менувањето на главата кога телото е труло.
И по кој знае кој пат ќе се запрашам, ако не влезат добронамерните во системот, треба ли да оставиме да влезат злоупотребувачите и манипулаторите? Каде е границата меѓу храброста и лудилото, каде е границата меѓу довербата и наивноста, каде е границата меѓу професионалноста и злоупотребата?




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


× seven = 49

%d bloggers like this: