На местото каде што стоеше постамент со спомен обележје на Андон Јанев Ќосето за кој се констатираше дека е дивоградба, ќе биде насадено дрво „за човекови права“ под кое ќе биде изгравиран Членот 10 од Општата повелба за човекови права на Обединетите нации, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, додавајќи дека повеќе нема да бидат толерирани дивоградбите во главниот град.

Дрвото што ќе биде насадено на местото на постаментот ќе биде набавено од Нинберг и e од видот гинко.

Во врска со тајмингот кога е отстранет споменикот, Шилегов изјави дека тоа е сторено во доцните часови за да не се закочи сообраќајот на улицата, поради трите големи возила што беа донесени за отстранувањето, како и да не се спречи работата на судовите што започнуваат со работа во утринските часови. На забелешките дека споменикот на ист ваков начин и беше поставен од страна на минатата власт, Шилегов рече:

-Постаментот од минатата влада беше поставен „шверцерски“ во раните утрински часови, без никој да види, бидејќи знаеле дека е дивоградба.

Посочи дека споменикот на Ќосето бил однесен во просторите на МЗТ каде градот има закупено простор кога диво биле поставувани дел од спомен обележјата низ градот.

– Таму е оставен и ќе биде повикан донаторот да си го земе во определен рок од 15 до 30 дена. Постаментот е дивоградбата и тој ќе биде урнат. Предмет на истражување на дејствијата кои се преземаат од страна на надлежните органи не е самата статуа туку постапките, процедурите, начинот на кој е дојдено до нивното поставување и евентуалните злоупотреби при таквите постапки, додаде Шилегов.

Споменикот на Ќосето кој на ова место стоеше од септември 2014 година беше отстранет утрово во раните утрински часови по налог на градечениот инспектор од општина Центар. Оттаму соопштија дека соопшти дека по детално испитување на фактичката состојба, нивните надлежни служби донеле решение дека се работи за дивоградба.

При увидот на овластениот градежен инспектор на општина Центар, како што се наведува, е констатирано дека спомен обележјето не е поставено на одобрената микро локација и издаденото решение од страна на град Скопје.

Извор:НоваТВ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име