АНКАРА (АА) – Текот на работите во врска со изградбата на првата нуклеарна централа во Турција, „Акују“ е според планот, истакна денес рускиот министер за енергија, Александар Новак, еден ден пред цeремонијата за поставување камен-темелник на нуклеарната централа во турската област Мерсин.

„Нашата компанија чекаше да добие градежна дозвола, и сега стигнаа информациите дека дозволата ќе биде дадена“, изјави министерот Новак за Anadolu Agency (AA) пред свечената церемонија.

На утрешната церемонија за поставување камен-темелник, во турската јужна област Мерсин, преку видеоконференција од Анкара ќе се вклучат и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин.

Новак ја поздрави важноста на проектот за Русија и рече: „Им благодариме на нашите турски партнери што на проектот му дадоа стратешки инвестициски статус“.

Тој, исто така, ја пофали вклученоста на турските инвеститори во однос на изградбата и во однос на идното функционирање на проектот.

„Ние сме во преговори со турските компании и очекуваме позитивни резултати“ , рече Новак.

„Росатом“ планира да ја изгради централата со капацитет од 4.800 мегавати во четири единици и со работен век од 8.000 часа годишно, но планира да продаде 49 проценти од акциите на проектот.

Во првата фаза од изградбата се планираат две единици со капацитет од 2.400 мегавати.

Централата има оперативен датум за првиот реактор до 2023 година, а се очекува да биде комплетно завршена и да започне со функционирање со полн капацитет до 2025 година.

Рускиот министер Новак, исто така, се осврна и на другиот руско-турски проект, за гасоводот „Турски тек“, кој ќе носи 15,75 милијарди кубни метри руски гас во Европа. Новак истакна дека Русија е во преговори со Европската комисија за да ја утврди рутата на втората линија преку Турција, со алтернативи кои ги вклучуваат Грција, Бугарија, Италија, Србија, Унгарија и Австрија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here