Колумна на др. Оливер Бојчески: ОРНАМЕНТОТ НА ПРОФЕСОРОТ (СЕЌАВАЊА II ДЕЛ)

0

Колку и да ја отворав вратата пополека, моите сетила се отвораа а истовремено и исполнуваа многу брзо. Веднаш го почуствував мирисот на костеновите штици помешани со мирисот на туткалот (лепакот) со кој секое парче се поврзуваше во оргинална направена творба. Секој дел од моето видно поле беше исполнето со разни алатки наместени во совршен ред за рачна и уникатна обработка на дрвото.

Дедоми беше таму, во работилницата, во самиот агол, седнат и со посебна внимателност работеше на еден дрвен орнамент.

Ајде! дојди веднаш да ми помогнеш, немаме време, овој дрвен елемент – орнамент треба да биде посебен и да им го подариме на посебни луѓе. Треба да биде спомен од моите раце за нив, за луѓето кои посебно значат за нашата куќа.

Во нашата куќа секогаш се пренесувало од колено на колено дека секоја помош кој некој ни ја дал во животот треба да биде возвратена во било кое време и на било кој начин со почит, благодарност, сеќавање. За волја на вистината, никогаш неслушнавме ништо, ниту не научија што треба да правиме со оние кои ни прават лошо и како нив да им возвратиме и одолжиме.

Дојде и тој очекуван ден кога нашите куќни и драги пријатели професорот Љубомир Цуцуловски и сопругата Лилјана стигнаа дома, а секој од нас беше со посебни чувства. Но сепак кај дедоми тие беа нескриени бидејќи едвај чекаше да види дали ќе им се допадне поклонот за спомен и дали со неговата способност за раскажување и памтење на историските и социолошки збивања ќе успее да му пренесе нешто важно и интересно на еден професор на факултет по филозофија.

Муабетот тргна ….

Согледувајќи ја посебната нараторска и искуствена способност на дедоми професор Цуцуловски постојано поставуваше прашања. На раскажувањата на дедоми им немаше крај а јас во еден момент се обидов да дадам знак дека треба да му дозволи да каже нешто и на професорот. Согледувајќиго тоа професорот малку ме укори и како вистински професор ми рече дека тука е да научи уште многу работи зошто на науката и нема крај а овие кажувања многу ми одговараат.

Наеднаш професорот со посебно движење на телото во знак дека ќе прекине со прашањата му рече на дедоми:

-„Чико Станко, јас на студентите им предавам филозофија на религијата, па би сакал да те прашам само уште ова.“

-„Повели професоре ако знам ќе одговорам“, рече дедоми.
-„Што е господ – бог? Сакам да знам за себе, но и да им кажам на студентите.“

-„Е мој професоре… Јас сум религиозен човек и верувам во господ бог, но и човек кој поминал многу низ својот живот. Тоа што е во религијата јас го оставам настрана и незнам ниту што е на небото или на било кое друго место но јас сакам да ти кажам што е господ на земјава.

Господ, професоре, ти е секој оној кој што ќе ти направи добро, а ти со ништо неможеш да му се оддолжиш, но и господ ти е секој оној кој што ќе ти направи лошо, а пак ти со ништо неможеш да му возвратиш.

Пример, професоре Љубомир Цуцуловски, ти и твојата сопруга Лиле сте еден вид господ за нашата куќа, зошто вие ни направивте добро, а ние со ништо неможиме да Ви возвратиме. Јас само толку, а сега сте на ред вие, мој професоре.“ – рече дедо-ми.

-„Чичко Станко, рече професорот, велиш дека со моето доаѓање многу сум направил за тебе и за твојата куќа, за семејството твое, но дека ти не можеш да ми возвратиш. Можеш, чичко Станко. Не само што можеш, туку веќе и ми возврати. Ми возврати со тоа што толку убаво мене и моите не прими, што разговор со мене водиш, што твоето искуство со мене го споделуваш.

Што се однесува до вистинскиот, правиот Господ, до оној кој е на небото, за него, чичко Станко, ништо не можеме да кажеме, бидејќи е толку голем и моќен, што ги надминува сите наши зборови. Не ни останува ништо друго, освен да веруваме во него, да веруваме дека постои и дека се грижи за сите нас.

А, за овие земните богови, за кои нешто и самиот кажа – дека, имено, ништо не им можиме – не е баш така како ни се чини. Можеби не можеме веднаш да им одговориме на злата што ни ги нанесуваат. Но, сепак, не заборавај дека тивка вода брег рони и дека секое зло се враќа на оној кој го прави или на негово поколение. И на нив, колку и да се чинат моќни, времето ќе им мине, а народот, народот чичко Станко, ќе остане. А велиш, исто така, дека меѓу земните богови се и оние кои добро на народот, на обичните луѓе прават, а тој, народот, не може да им возврати. И нека е така, бидејќи зошто народот би требало да им возврати? Народот, чичко Станко, не постои на земските богови добро да им чини, туку тие постојат нему добро да му чинат. И, уште нешто сакам да кажам. Оној кој навистина чини добро, тој тоа не го чини да му се возврати, туку го чини од љубов, од желба да направи нешто добро, па и нема потреба народот да му возврати. Затоа, народот и ги бирал овие земски богови – да му служат,а не тој на нив да им служи.“

Дедо ми совнимание слушаше и ништо несакаше да додаде, а потоа ја зеде чашката со ракија и наздрави со професорот во име на вечно пријателство кое го започна таткоми и оди на наредните колена.

Чини добро и некај се, чини зло и надај се. Српска народна поговорка

Пишува: Др. Оливер Бојчески