Сириецот Мухаммед Хадри: Кур`анот го извезил на платно и го понесол со себе во избеглиштво во Турција

0

Од 2012 година досега стотици илјади лица во различни градови и земји имаа можност да ја видат Светата книга на муслиманите, Куранот, чии букви се машински везени во период од 12 години од страна на Мухамед Махер Хадри, кој пред четири години мигрирал во Турција поради граѓанската војна во сирискиот град Алепо, пишува Anadolu Agency (AA).

Хадри со везењето на Куранот на платно започнал во 2000 година, а завршил за 12 години, односно во 2012 година. Неговата прва изложба ја отвори во Иран.

Ова дело со димензии 80 на 60 сантиметри се состои од 12 волумени и тежи 200 килограми.

Хадри, кој по 2012 година отвори изложба и во Сирија, Либан, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Катар, пред четири години мигрирал во Турција, бегајќи од граѓанската војна во неговата земја.

Тој работи во Бурса, а повеќепати отворил изложба во повеќе градови низ Турција, како Истанбул, Газиантеп, Трабзон и Бурса, каде што неговото дело било посетено од стотици илјади посетители.

Хадри, инаку татко на три деца, во изјава за АА истакна дека неговата последна изложба ја отворил во Бурса, и изрази задоволство од заинтересираноста која била покажана.

„Пробав неколкупати, видов дека можам, и продолжив. Почна да им се допаѓа на оние кои го видоа. Потоа одлучив целиот Куран да го извезам на платно“, рече тој.

Хадри информираше дека по завршувањето, ова дело било контролирано и одобрено од страна на сириските научници, шејхот Ахмет Енис, Мустафа Џеледин и Мухамед Хабеш.

Додаде дека добил бројни понуди за продавање на ова дело, но дека одлучил тоа да остане во Турција.

„Целта ми е овој везен Куран да биде изложен во сите градови во Турција, и да го видат што повеќе луѓе. Стотици илјади лица го видоа делото изложено во бројни земји и градови“, нагласи тој.

Хадри раскажа дека покрај фазата на пишување, Куранот со везени букви минал и низ фаза на декорирање, и низ фаза на поделување по волумени.

„Тоа што го правам е всушност, уметност. Куранот го везам со обична машина за шиење“, истакна Хадри.

„Веќе четири години живеам во Турција, и сакам да ги научам младите кои сакаат да го научат тоа. Турција посветува големо внимание на нештата што се поврзани со исламот. Бидејќи знам дека Куранот ќе биде добро сочуван, сакам да биде изложен во музеј во Турција“, додаде тој.