Во сеќавање на нашиот Петар Мојсоски дипл. фармацевт, истражувач, природонаучник и вљубеник во природата, автор на книги и научни трудови

Пишува: Прим. Д-р. спец. Оливер Бојчески

Чекорот ми беше забрзан, колку за да ја одржам загреаноста на телото во услови кога дождот ме накисна и натопи целосно до гола кожа. Се спуштав од бачилата. Незнам по кој пат вака дождот да ме натопи но секојпат е тоа пропратено со различно чувство. Некогаш ќе ме освеже, разладе. Некогаш напротив, ќе ме стопли кога стариот волнен џемпер загреан од топлината на телото ќе ја прими дождовната вода правејќи ми чуство како да се наоѓам во сауна.
Се приближував кон Подгорци а небото како да се отвори. И веќе во еден момент забележав како виножитото ги составуваше своите бои над реката Црн Дрим.
Во природната тишина слушнав звуци или тонови на фотоапарат кои сликаа и се повторуваа чиниш во ритамот на ударот на последните големи капки кои се цедеа од буковите листови.

Го видов него, Перета, чекореше и истражуваше низ густата папрат.

– Го поздравив.
Веќе знаев дека ја спрема неговата прва книга но и првата книга за лековитите билки на планината Јабланица воопшто. Го познавав доволно како човек за да го замолам дали може да останам да го гледам во неговото истражување но сепак незнаев дали тоа ќе ми го дозволи зошто тој беше мајсторот на фотографирањето на растенијата и научник во нивното истражувањето па со една резерва го адаптирав гласот со замолување.

  • Може, со насмевка ми потврди.
    И секако, јас уште еднаш се уверив дека најдобрите никогаш и ништо некријат и сакаат да споделат во својата наука и истражување зошто тоа што го прават е за другите луѓе во име на науката и знаењето, за не за своја слава.
    Веќе мајчината душица беше излезена и имаше направено еден вид на тепих на тревата врз која што легнав, целиот накиснат и немо но со големо внимание го набљудував.
    Откако на латински и со народно име ми ја кажа лековитата билка веднаш почна да фотографира, а растението самото позираше, танцуваше со водените капки на лисјата, благородно го крадеше сончевиот спектар напоредно отворајќи го и затворајќиго цветот. …. Но тоа чиниш го прави само пред неговиот фотоапарат зошто како да знаеше дека сака да ја овековечи билката, стави во книга, да гледаат сите, да знаат сите, што може да му даде на човекот, на неговото око, на вкусот, на телото, на човековото здравје како посебен дар од природата.
    Но за тоа мора да се има пристап, знаење, љубов кон растението и природата, и нешто посебно што само Пере го имаше.
    Со посебно внимание со својот ленир, одмеруваше, мереше, запазуваше а во исто време и тоа го запишуваше во својата тетратка – ….разгранетост и длабочината на коренот, висината и дебелината на стеблото, широчината и поделеноста на листовите, обемот и бојата на цветот….
    Но за некои работи не му требеше ни лењир ни тератка, тука работеше само со својот природен инстинкт, со очите, со сетилото за мирис – … го мереше нектарот во прашниците небаре носи кошница како пчела, плодноста на толчниците небаре се игра љубовниот танц на пеперугите, звукот на ветрот околу билката небаре го слуша црцорењето на птиците, спектарот на бои на цветовите небаре е сликар натуралист……
    Гладајќи го сето тоа неприметив дека сончевите зраци ги исушиле моите алишта,а мајчината душичка ги привлекла пчелите од селските кошници во потрага за мед.
    „ти се спие“ ми рече, приметувајќиме како запаѓам во едн транс во кој небев ни самиот свесен. И продолжи – „тоа е од етеричното масло на мајчината душичка, има смирувачко, и приспивно дејство –ми објаснуваше, тоа е поради јаглеродните прстени кои влијаат на мозочните рецептори ……. и така натака и така натака ……работи кои до ден денес ги научив од него и од никоја друга книга, зошто тој ја пишуваше енциклопедијата на лековитите растенија на Јабланица“.
    Откако заврши со тоа растение, седна до мене,извади едно шишенце со ракија.

– „Пробај, ова ми е нова тинктура со корен од глуварче, ова ти е најдобра стомаклија но и ги одмора мускулите после планинарење“.
Се насмевнав и направив неколку голтки. И секогаш неговите тинктури беа сразмерно направени со „толку и толку грама на корен и толку и толку количина на ракија,,.
На шала му реков – „во книгата обавезно да ставиш и како ги правиш сите тинктури и што ставаш, ама да знаеш дека и колку да ни го прецизираш соодносот никогаш нема да можиме да ја направиме со ваков вкус“.
Морав да заминам, а тој само ме поздрави и се договоривме за наредно заедничко истражување.
Се спуштав надолу, во пријатни чуства на опиеност од етеричното масло на мајчината душица, вкусот и релаксираноста на тинктурата од коренот на глуварчето, во новите сознанија од науката од билките но најмногу од се во мислите за денот кога ќе ја промовира неговата книга и за нејзините тајни кои ги видов денес.

А денес ги повторувам истите зборови кои ги мислев тој ден на разделување – „сите ние ја сакаме природата и планината Јабланица но само тој – Пере ја познаваше најдобро од сите нас во лековитите растенија“