Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика ги отфрли забелешките дека кампањата за учество на пописот е насочена кон една етничка заедница, како што се создава вчечаток во јавноста. Таа соопшти дека главниот комуникациски канал се социјалните медиуми и контактите со здруженијата и организациии на иселениците низ светот, иако според неа некои од нив одбиле да соработуваат околу пописот. Таа најави за деновиве голема онлајн дебата во која ќе бидат вклучени сите тие и ќе можат да постават прашања околу дилемите што ги имаат околу статистичката операција.

Околу одзивот на пописот таа соопшти дека почнале да растат и бројките во САД, Канада и Австралија, покрај тие во Швајцарија, Германија и Италија, а се појавуваат и други земји во светот. Според последните податоци, во САД се самопопишале досега 5.110 иселеници, во Австралија 1.682, а во Канада 1.215 лица, додека во Швајцарија бројката надмина 40.000.

Околу одговорноста на тие што повикувуваат на бојкот, Ѓоргиева рече дека тоа е прашање со кое треба да се позанимаваат други институции. Ако има такви одбивања, нагласи таа, ќе се постапи според законските одредби во Законот за попис.

-Бојкотот не е опција зошто станува збор за исклучително важна операција. Тој е граѓанска обврска и е задолжителен.Бојкотот е и кривично дело, оттаму секој повик на бојкот подлежи на закон, а институциите ќе го применуваат во таков случај, нагласи портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Тој посочи дека законска основа за казнување, вклучувајќи и затвор, е делото “организирање на отпор и непослушност кон законити мерки на државен орган“ од Кривичниот закони, но целта според него не е да се прави тоа. Тој нагласи дека предвидените казни се движат од парична до три години затвор за организаторот, а ако е отежнато спроведувањето на законитата мерка и ако делото го сторил во улога на водач на група, ќе се казни со затвор од пет години.

Од СДСМ реагираа исто така со соопштение во кое апелираа до граѓаните и иселениците да го сфатат пописот како граѓанска обврска.

-Пописот е најважна државничка работа и затоа е особено важно сите граѓани да учествуваат во него. Со учество на пописот секој поединец придонесува кон градење држава базирана на податоци, а не на претпоставки.Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата.

Истовремено, тече процесот на попишување на нерезидентното население, односно на нашите иселеници во дијаспората.Досега 137.111 македонски државјани во странство се самопопишале преку веб апликацијата, а процесот на самопопишшување ќе трае до 21 април. За поздравување е тоа што се зголемува интересот за попишување во дијаспората и очекуваме дека ова темпо ќе продолжи и во следниот период.Сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство.

Обидите за бојкот, за минирање на пописот не се само незаконски, тие се антидржавни.Повиците за бојкот и одлагање на пописот што често ги слушаме од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица се повици за пропаѓање на пописот. Тоа се антидржавни ставови кои не носат ништо добро, создаваат конфузија меѓу граѓаните и носат сериозна штета за државата. Бојкотот на пописот е кривично дело.

Крајно време е да покажеме зрелост, одговорност и да му се придружиме на светот. Да не бидеме црна дупка на статистичката мапа и по цели 19 години да спроведеме попис согласно сите меѓународни стандарди. Секој од нас е повеќе од бројка, секој од нас треба да учествува во пописот, порачаа од СДСМ.


НоваТВ