И покрај предупредувањата дека одбивањето да се учествува во пописот и да се организира отпор е кривично дело и се казнува дури и со затвор, функционери на ВМРО-ДПМНЕ си прават политичка кампања на ова прашање.  Така, Александар Пандов, претседателот на Патриотскиот институт на партијата, објави дека попишувачите ќе ги „избрка на клоци“, додека пратеникот Антонио Милошоски вели дека ќе ги прими, но само доколку покажат дека се вакцинирани, инаку нешто што не е задолжително според протоколот, што е најава за малтретирање и заплашување на тие што треба да го спроведат пописот, а кои немаат ништо со политика.

„Додека во Република Македонија пописот е термин кој означува попишување на секој Албанец во светот и е политичка операција во која со државни пари првенците на ДУИ шетаат по странство борејќи се за секој еден попишан Албанец, а за сите нас ,,останатите малцинства“ пописот означува статистичка операција за само резидентно население, кое е под закани од Заев и Апостол дека ќе биде кривично гонето со затворска казна од 5 години или останатите со казни од по 300 евра ако одбиваат да се попишат, еве ви кажувам, да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!“, изјави Пандов.

За разлика од Пандов, Милошоски кој патем прележа Ковид 19, го условува приемот на попишувачите.

„Како родител на пет малолетни деца, како сопруг и човек кој според Закон за време на кризна состојба и епидемија е должен да го штити здравјето на најблиските, своето и здравјето на другите, нема да примам попишувач, доколку истиот не покаже книшка дека е вакциниран против Ковид19. Здравјето не може да се одложи, пописот може“, објави Милошоски.

На социјалната мрежа Твитер исто така се шири закана дека попишувачите кои ќе одат по куќите да го спроведат пописот, наместо од домаќините, ќе бидат пречекани од нивните агресивни кучиња.

„Кога ќе ве пречека шарпланинецот караман у двор ќе влезете утре сабајле кај мене. Бојкотирам попис“, гласи објавата на твитер профилот Наташа од Македон.Истата закана ја сподели портпаролката на Левица, Јована Мојсоска, која инаку пред да стане политички активна, во јавноста била позната како активист за заштита на кучињата (животните).

И твитер профилот Мариовец се заканува дека ќе го пушти кучето да гo „пречека“ попишувачот: „Многу сакам да му ја видам фацата на попишувачот кога ќе дојде да ме попишува и ќе треба да се запознае со караман мој“.

Од Владата истакнаа дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 на Кривичен законик.Во Член 387 од КЗ пишува:

(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.


„NovaTv“