На предлог на Министерството за образование и наука, Владата го утврди текстот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработниците во основните и средните училишта во земјава, се вели во соопштението на Владата, од каде додаваат дека преку оваа измена ќе се гарантира стабилност на работниот однос на наставниците.

Наставниците органзирани преку Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), неодамна протестираа, а едно од нивните клучни барања беше токму регулацијата на работниот однос на наставникот, односно веднаш при вработувањето да им се додели неопределен статус, нешто што се гарантира со новоусвоените законски промени.

– Се уште немаме направено анализи на промените. Откако ќе ги проследиме, ќе донесеме заклучок за тоа дали истите се совпаѓаат со ставот на синдикатот – велат од НСОН за „Слободен печат“.

Согласно новите промени, во Законот за работни односи на наставниците им се гарантира добивање на работен однос на неопределно време, доколку ги исполнуваат следните услови: Лицето кое се вработува да има соодветно образование, работното место на кое се вработува да е испразнето по однос на пензионирање, отказ, смрт или преземање на друго работно место, а за кое биле обезбедни финансиски средства, наставникот да не заснова работен однос на реализација на изборни предмети и за сето тоа да е добиена согласност за вработување на неопределено време од МОН.

Покрај ова, со новите промени кои ги усвои Владата е офатена и трансформацијата на работниот однос од определено во неопределно работно време и на оние кои реализираат настава по изборни предмети.

Главни услови за да се случи таа трансформација се: Наставникот да има работен стаж повеќе од пет години во воспитно-образовна установа без прекин, да ги исполнува условите предвидени во нормативот за наставник, да има повеќе од десет наставни часови во неделата, да има положен стручен испит и да е добиена согласност за промена на работниот однос од МОН.

Барањето, пак, за трансформација на работниот однос на овие наставници, училиштето треба да го достави до надлежната комисија за трансформација, чиј претседател е претставникот од Државниот просветен инспекторат, а која понатаму ќе одлучува дали на тој наставник ќе му се даде одобрение или не.


„Sloboden Pecat“