Без оглед колку читаме и пишуваме за Бедр, колку и да звучи синкретистички со минатото, Бедр секогаш одново нè враќа во сегашниот момент на разбирање, учење и случување, иако се сметаше дека тие разбирања, учења и случувања всушност остануваат завршени во историјата и припаѓаат таму. На тој Бедр, како да се појави нов жив организам со лекции, пораки, знаење, искуство, верност и конечно цврста вера, организам што ќе се шири и расте низ вековите со подеми и падови, но секогаш поширок, повисок и повозвишен и ќе се развива како живо тело на исламот. Историчари, филозофи, воени аналитичари, политолози и разни истражувачи проучувале разни војни со илјадници години, честопати велејќи дека тоа е една од највозбудливите теми на истражување. Човештвото отсекогаш се плашело од војните и нејзините ужаси, но честопати луѓето поради угнетување, ропство, пониживање, насилство, неправда, неред, зулум и сл. ја прегрнувале во прегратка војната како начин да се ослободат од таквите појави. Обично низ историјата, луѓето ги мереле настаните засновани на големината на штетите, на пример, во војните според бројот на убиени и настрадани, така што двете Светски војни биле земени како најголеми настани во историјата, сепак, ова не е случај со Бедр, бројот на луѓето кои ги загубија своите животи се многу мали, (според едно предание 14, а според друго 18 муслимани, а од друга страна 70 мртви), зошто тогаш Битката на Бедр е една од најголемите настани во историјата на муслиманите, ако сакате, и пошироко?

Битката на Бедр има многу особености што ја прават различна од другите настани, ние ќе елаборираме само некои од нив.

Во исламот не се мерат настаните према бројот на умрени, према злото, према штетата, према крвта, туку се мери према доброто и користа која се рефлектира од тој настан. Имено, во исламот, покрај тоа што е најважна намерата (нијјет), исто така многу е важен резултатот од дејствувањето, од трудот и добрина што се рефлектира од тој труд, па Бедр покажа дека ако сакаме успех, потребно е за секоја работа добро планирање, дејствување , добро распоредување, дисциплина, меѓусебен договор и мудро водство.

Бедр е причина за објавата на многу ајети за овој настан кои се објавени во Кур’анот, кои имаат духовно и шеријатско-правно значење, па според бројот на ајетите што го третираат најважниот настан во егзистенцијалната историја е Битката на Бедр.

Бедр е одлична лекција за сите оние кои се на патот на вистината, слободата и правдата и се борат несебично за ваквите идеали.

Бедр им донесе радост и надеж на муслиманите, затоа што по протерувањето и тортурата од многубошците, после големиот број на отстапки и повлекувања пред нив, муслиманите како заедница конечно ја пробаа сласта на победата, станаа посилен фактор, проширувајќи ги нивните хоризонти и отворајќи ги очите на многумина кои се сомневаа во мисијата на Мухаммед а.с.

Бедр покажа дека е голема победа и по тоа што Мухаммед а.с. и муслиманите не дозволуваат веќе злоупотреба, изживување, осакатување и понатамошно крвопролевање на затворениците, што дотогаш не беше случај, и ова е цивилизациски скок на човековите права и хуман третман на затворениците и правата на затворениците, по многу векови подоцна (во 19 век) „напредниот“ свет ќе донесе конвенција за правата на затворениците и хуманиот третман кон нив, а во исламот ова е воспоставено уште во 7 век. Секој затвореник да образува десетина деца или возрасни муслимани и ќе биде слободен, додека другите кои се богати можат да ја откупат својата слобода, и ако го немаат тоа, тогаш ќе бидат ослободени без никакво обештетување. Треба да се напомене дека Мухаммед а.с. ги праша Ебу Бекра и Омера, радијеллаху анхума, што мислат за тоа како да се однесуваат кон затворениците, да го слушне нивното мислење, да се консултира, па Ебу Бекр р.а. го предложи откупот, додека Омер р.а. тој беше повеќе темпераментен, пожесток, пооштар, рече да им ги отсечеме главите веднаш, затоа што тие се изворот на злото и водачи на неверството, и рече дајму го на Али неговиот братучед да му ја пресече главата, и дај ми го мене тој и тој за да можам да му ја отсечам главата. Подоцна, Омер р.а. рече дека Мухамед, а.с. го прифатил предлогот од Ебу Бекр р.а. и повеќе му се допаднал. Се разбира, така и се случи.

Бедр покажува и нè учи дека треба да се преземе сè што е во наша моќ, да се исцрпат сите ресурси и сите наши можности и тогаш треба да се потпреме цврсто на Аллах џ.ш. и да побараме помош од Него, а не обратно, да не се прави ништо и да се очекува успех легнат од креветот. Муслиманите направија се што можеа, а потоа пристигна помошта од Аллах џ.ш.

Бедр нè потсетува дека од тоа семе од крвта на овие бедрански шехиди имаме денес околу 2 милијарди муслимани, затоа што тие први одговорија на повикот и на патот на Вистината.

Бедр е првата битка каде учествуваше организирана, систематизирана, уредена војска составена од луѓе и мелеки. Ова не им се случило на поранешните Аллахови пратеници, додека Сулејман а.с. имал војска од луѓе, џини и птици.

Бедр е персонификација на покорност. Асхабите безусловно му се покорувале на Мухаммед а.с. и го слушале, за разлика од Исраиличаните кои не му се покорувале на Муса а.с. и не го слушале. Имено, Муса а.с. го предупредуваше и го повикуваше својот народ пред битката: „Запомнете, вие Исраилски народе, сетете се на благодетите што ви ги даде Аллах, ви даде толку многу Аллахови пратеници, ви даде толку многу моќ, ви даде толку многу владатели што им не дал на ниту еден народ пред вас. “, И тие покрај сите овие благодети рекоа:„ Оди, Муса ти, и твојот Творец, твојот Господ, борете се а ние ќе го чекаме победникот “. Тие немаа свои идеали, беа без верување во идниот свет Ахирет и без возвишени вредности, па нивната казна беше 40 години талкање во пустината.

Следбениците на Мухаммед а.с. рекоа: „Оди Аллахов Пратениче каде што Аллах ти заповеда, и сите ние ќе те следиме и нема да ти кажеме онака како што Исраелчаните му рекоа на Муса а.с., ние целосно ја следиме Објавата и во мир и во војна, и во добро и во зло. Ние ти ветивме верност, затоа оди Аллахов Пратениче каде сакаш,ако згазиш во море и ние ќе го згаземе и ќе го преминеме морето со тебе, нема да те оставиме.“

Бедр нè учи дека со ваква лојалност и покорност успехот е неизбежен. Сепак, на кого му биле послушни? На човек кој никогаш не изневерил, никогаш дури и пред Објавата тој никогаш не лажел, на човек кој бил познат уште пред Објавата како Ел-Емин, доверлив, вистинит. Не само во религиозна смисла, туку и во општествено-политичкиот систем, државниот систем, за повисоки цели, треба да се биде послушен, но, се разбира, на некој што е достоен за тоа. Треба да се следи вистински водач, без скандали, без црно минато, искрен, фер, човек што е морален, кој има точен план и цел, меѓутоа да се бара следење на лажго, неморален, измамник и да се повикува на послушноста на таков во најмала рака е злобно и далеку од принципот на покорност на Бедр.

Послушноста на Бедр донесе успех, непослушноста на Ухуд донесе пораз.


Мухамед Шемоски