Во француските медиуми се тврди дека нафтената компанија „Тотал“ обезбедува финансирање на хунтата во Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во специјалната вест на „Ле Монд“ („Le Monde“), се наведува дека „Тотал“ работи во полето на гас на бреговите од Мјанмар од 1998 година и дека притисокот врз компанијата е зголемен по воениот удар.

Во веста во која се тврди дека „Тотал“ „ја финансира хунтата во Мјанмар“, а е базирана на информациите и документите што протекоа од Владата на Мјанмар, се истакнува дека финансискиот систем е воспоставен на подводниот гасовод во должина од 346 километри што го поврзува местото Јадана со Тајланд, а најголем акционер на компанијата што е сопственик на овој подводен гасовод е „Тотал“.

Во извештајот се тврди дека милионите долари добиени од продажбата на гас преку овој гасовод отишле во Претпријатието за нафта и гас во Мјанмар (MOGE), кое е контролирано од војската и хунтата преку Владата на Мјанмар.

Ален, вработен во компанијата „Тотал“ во Мјанмар, во изјавата за весникот „Ле Монд“ рече: „Ние сакаме ‘Тотал‘ да престане да ја финансира воената хунта.“

Меѓу другото, во веста се наведува дека вработените кои не сакаат „Тотал“ да ја финансира хунтата, формирале движење и сакаат да ја напуштат работата со цел да го спречат производството на гас.

Сепак, се истакнува дека овие вработени биле предупредени од нивните менаџери.

Мин Ту, еден од вработените во компанијата, истакна: „Тие без да дадат детали ни рекоа дека ако се приклучиме на движењето, ќе ја платиме цената. Сфативме дека нашето барање за неплатено отсуство ќе биде одбиено и ќе мора да дадеме оставка.“

Друг вработен, Мин Ка, исто така нагласи: „Тие ни рекоа дека ако се приклучиме на цивилното движење, ќе бидеме уапсени од војниците на аеродромот.“

Нвај Оо, истакнувајќи дека компанијата „Тотал“ има интерес во Мјанмар, рече: „Компанијата е заинтересирана само за сопствениот бизнис. Таа не е ниту против демократијата ниту против воената хунта.“

Во веста, исто така, се наведува дека во компанијата „Тотал“ во Мјанмар работат 300 луѓе и дека мал број луѓе се повлекле од компанијата.

Патрик Пујан, извршен директор на „Тотал“, тврди дека тие се тука за да ги исполнат своите одговорности кон државата Мјанмар.


Anadolu Agency