АНКАРА (АА) – На границите на Европската Унија забележан е пораст од 68 отсто на илегалните премини во првите девет месеци од 2021 година, со Источниот Медитеран како единствена рута со намалување на илегалните премини, објави Фронтекс, јавува Агенција Анадолија (АА).

Агенцијата за заштита на границата на ЕУ соопшти дека регистрирани се 133.900 нерегуларни премини на надворешните граници на ЕУ во периодот од јануари до септември.

„Ова е 47 отсто повеќе отколку во 2019 година пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, кога бројот на илегални преминувања на границите изнесуваше 91.000“, се вели од Фронтекс.

Оттаму истакнуваат дека во септември по должината на главните миграциски рути во ЕУ регистрирани се 23.630 илегални премини, 40 отсто повеќе отколку во 2020 година кога беа воведени ограничувања на границите поради пандемијата на коронавирусот. „Тоа е исто така зголемување од 17 отсто во споредба со септември 2019 година“, се вели во соопштението на Фронтекс.

На рутите преку Централниот Медитеран и Западниот Балкан е забележано најголемо зголемување на илегалните премини.

Источниот Медитеран, пак, од друга страна, стана единствената рута каде што ЕУ забележа намалување на илегалните премини. „Регистрирани се 13.190 илегални премини во периодот од јануари до септември, што е за 17 отсто помалку од истиот период минатата година“, се додава од Фронтекс.

Во септември, регистрирани се 1.590 илегални премини преку Источниот Медитеран, од кои на рутата преку Кипар отпаѓаат речиси 50 отсто од премините оваа година.

Пристигнувањата се претежно од Сирија, Турција, Авганистан и Конго.​​​​​​​


„Anadolu Agency“