ИСТАНБУЛ (АА) – Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Европската Унија (ЕУ) ќе продолжи да пружа поддршка на Турција во врска со прашањето за илегалната миграција, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Јасно кажав дека поддршката на ЕУ за Турција по ова прашање ќе продолжи“, рече Меркел на прес-конференцијата по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вилата „Хубер“ во Истанбул.

Германската канцеларка денеска пристигна во посета на Република Турција.

Таа нагласи дека е од клучно значење да се спречи трговијата со луѓе, односно со мигранти.

„Сакаме да ја спречиме трговијата со луѓе. Тоа е неопходност, услов ЕУ да ја поддржи Турција по ова прашање“, додаде Меркел.

Таа порача дека верува дека и идната германска влада ќе делува во согласност со заедничките интереси во односите со Турција.

„Секогаш имаме заеднички интереси. Така и следната федерална влада на Германија ќе гледа на односите меѓу двете држави, во сите нивни пошироки рамки, со сите позитивни и проблематични аспекти. Нашиот мир и нашата доверба се меѓусебно поврзани“, рече Меркел.

Истакна дека Турција дала важен придонес по прашањето за прифаќање на сириските бегалци.

Таа исто така додаде дека во Турција се сменети многу работи и дека животниот стандард е зголемен и покрај економските проблеми.

„Турција, како сојузник во НАТО за нас е важен партнер. И самите можеме да видиме дека Истанбул претставува мост помеѓу двата континенти“, рече Меркел.

Таа напомена дека за време на нејзиниот мандат упатувала критики во врска со човековите права и слободи.

„Се разбира дека баравме некое решение. Можеби имаме различни погледи. Геостратешки сме меѓусебно поврзани и зависни. Исто така, детално разговаравме и за талибанците, бегалците и Африка“, рече германската канцеларка, која по 16 години на чело на германската Влада, наскоро ќе ја напушти политиката.


„Anadolu Agency“