„Билд“ објави дека Баерн нема да му исплати плата на својот фудбалер Џошуа Кимих за периодот што ќе мора да го помине во карантин бидејќи одбива да се вакцинира. Баерн се реши за конкретни санкции, па на Кимих ќе му бидат одземени околу 800 илјади евра од вкупната годишна плата бидејќи неговите одлуки го “загрозиле“ успехот на клубот. Да потсетиме, Кимих отпадна од натпреварот во четвртокот попладне како опција за мечот со Аугсбург, а Баварците го загубија натпреварот со 2:1. Кимих се откажа бидејќи некој со кој бил во близок контакт имал коронавирус, а тој не бил вакциниран, па автоматски морал да биде ставен во карантин.

Спорт 1 денеска ја објави главната вест од коментарот на својот новинар Пит Готшалк под наслов „Честитки до шефовите на Баерн“, во кој, јасно од насловот, Готшалк ја пофали одлуката на баварскиот клуб. „Ако тоа што го пишува Билд е точно, на шефовите на Баерн може само да им се честита за одлуката. Повлекувањето пари од плата е веројатно најјасниот јазик што може да го разбере фудбалер како Кимих, кој поради неговите глупави причини не сака да се вакцинира и го загрозува успехот на клубот. Тоа што го прават Кимих и некои негови колеги не смее да се толерира. Во исто време, тие заработуваат милиони од клубот и потоа велат дека нешто што влијае на доброто на целата група е приватна работа. И двете не се можни. Баерн ги чувствува последиците од таквото его-трип и трпи од резултатот“, пишува германскиот новинар и додава: „Фудбалерите треба да бидат благодарни на Федерацијата и на политиката што им дозволија да продолжат да играат нормално среде пандемија. Нивните финансиски загуби се минимизирани, додека некои други луѓе стравуваат за егзистенција поради економските последици од пандемијата. Вакцинацијата повеќе не треба да биде приватна работа. Клубовите не бараат премногу кога ги повикуваат играчите да слушаат наука и експерти на кои инаку им даваат доверба околу секој мускул и секоја коска. Можеби ваквите потези ќе исфрлат некои играчи од клубот, но што потоа? Пуштете ги, никој не е поголем од клубот. Дури ни Џошуа Кимих“.