Седумдесет и две дрва, повеќето стари и по 80 години, се сечат за да се реконструира улицата „Македонски просветители“ во центарот на Охрид. Поради ваквите активности група граѓански активисти се собраа денеска на протест пред општината од каде порачаа да престане сечата на овие речиси столетни дрва.

„Убедена сум дека ова не е единственото решение за проширување на оваа улица. Се разбира дека Охрид треба да се развива, сообраќајните услови треба да бидат подобрени, но не по секоја цена, не со сечење на овие дрва. Го потпишавме договорот во Глазгов. Ние сме обврзани да се грижиме за секое дрво. Но, ова не е грижа“, вели Лилјана Илијеска-граѓанин.

„Започнат е проект кој има позитивна нота, се реконструира се прави нешто, но избран е погрешен принцип…“, вели Симеон Карашов-граѓанин на Охрид.

Станува збор за дрворед од липи и костени.

„Бараме под итно да престане сечата на дрвата. Бараме под итно да се најде стручно лице од Шумарски факултет за да се утврди кои дрва се навистина болни и може да се третираат и да останат, а кои дрва треба да се исечат…“, рече Катерина Василеска-Охрид СОС.

Од општина Охрид велат дека согласно Законот за урбано зеленило, градоначалникот пред три дена донел решение за сечење на 49 липи и 13 костени. Според општината, станувало збор за болни дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст. Овде се наоѓале и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, ќе бил засаден нов дрворед.

Алсат-М Мики Трајковски