АШГАБАТ (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во Ашхабат, главниот град на Туркменистан, изјави дека Азија се издигнува не само како производствен центар, туку и како најголем пазар за потрошувачи, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Го поздравуваме воспоставувањето на коридорот Исламабад – Техеран – Истанбул. Задоволни сме од одлуката да се воспостават патни и железнички врски во Јужен Кавказ, особено коридорот Зангезур“, рече Чавушоглу во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за економска соработка, додавајќи дека Самитот во Ашхабат ќе се одржи во многу важен момент.

Самитот во Ашхабат се одржува на 28 ноември.

Истакна дека светот околу две години се бори со пандемијата на коронавирусот и дека Турција секогаш покажувала многу ефикасен мултилатерализам против сите глобални предизвици.

Тој смета дека е потребно да се искористи Организацијата за економска соработка за да се обезбеди заеднички регионален одговор на предизвиците како што се пандемиите и економското закрепнување.

Чавушоглу рече дека одлучиле на 14. самит на Организацијата за економска соработка да се фокусираат првенствено на „економската соработка во ерата по Ковид-19“.

Истакнувајќи дека се случиле важни историски промени во глобалните синџири на снабдување, Чавушоглу рече дека напредокот на Азија претставува огромна можност.

„Азија се издигнува, не само како производствен центар, туку и како најголем потрошувачки пазар. Ова претставува голема можност за сите нас. Организацијата за економска соработка мора да дејствува како мост на трговијата и економската соработка меѓу Азија и Европа“, рече тој.

Тој исто така истакна дека треба поголема фокусираност на „транспортните и логистичките коридори“.

„Можеме да имаме многу поголема корист од глобалната трговија само ако успееме да ја подобриме регионалната трговија и поврзаност“, рече шефот на турската дипломатија.

Чавушоглу посочи дека туризмот е уште една област во која треба да се развива соработка и наведе дека регионот на Организацијата за економска соработка има потенцијал да стане важна туристичка дестинација со сите свои природни и историски убавини.

Тој додаде дека Турција од самиот почеток ги исполнувала своите обврски од Трговскиот договор на Организацијата за економска соработка, напоменувајќи дека договорот им помогнал да ја постигнат својата трговска цел од 100 милијарди долари и ги повика сите да го поддржат.

Организацијата за економска соработка е азиска политичка и економска меѓувладина организација што во 1985 година во Техеран ја основаа лидерите на Турција, Иран и Пакистан. Организацијата има десет члена и еден член набљудувач.

Земји членки се Турција, Иран, Пакистан, Авганистан, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан.


„Anadolu Agency“