Советот на амбасадори во Скопје организира тркалезна маса на тема „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: Долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, јавува Агенција Анадолија (AA).

Дебатата ја отвори претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили, кој, потенцирајќи ги многуте проблеми со кои се соочува Европската Унија (ЕУ), ја поздрави подготвеноста за дебата на оваа тема.

Воведен говор имаше претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој говореше за актуелната состојба на земјите од Западен Балкан во однос на ЕУ, потсетувајќи дека Србија и Црна Гора преговараат неколку години, додека Северна Македонија и Албанија во моментов се блокирани од Бугарија.

Тој рече дека нема напредок ниту во однос на проектите најавени за поддршка од ЕУ по пандемијата на Ковид-19, нагласувајќи дека тоа влијаело на намалување на поддршката за ЕУ ​​во јавноста.

„Имиџот на Европската Унија е прилично разнишан, и во Северна Македонија и во регионот. Брза имплементација на вакви проекти може да придонесе тоа малку да се поправи. И на крајот, пак доаѓаме до вашата тема, до нашата тема, колку е одржлива ваквата надворешна политика ако немаме импут од таа страна, а велиме дека сме партнери кои соработуваат уште пред некој од нас да стане формална членка“, рече Пендаровски.

Претседателот на Северна Македонија зборуваше и за последните случувања во однос на Бугарија. Владите на двете земји неодамна ги интензивираа односите со реципрочни посети во Скопје и Софија, во кои, меѓу другото, беа потпишани три меморандуми од различни области.

„Морам и тоа кристално јасно да го кажам, станува збор само за почеток. Станува збор само за иницијална фаза во која двете страни ги искажуваат добрите желби за начинот на кој би сакале тој процес понатаму да се одвива. Значи, ние сме далеку од подлабоко навлегување во процесот и сѐ уште сме далеку од евентуално позитивно завршување на тој процес“, рече Пендаровски.

Тој изрази и подготвеност да придонесе во процесот, најавувајќи официјална посета на Софија.

Воведен говор имаше и шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, кој зборуваше за тешкотиите со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Дебатата продолжува со учество на владини претставници, меѓу кои и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадори на повеќе земји во Скопје, дипломати, како и пратеници во Собранието на Северна Македонија.